Анчелоти: Зидан ја смени мојата перцепција за фудбалот

Легендарниот фудбалски стратег, Карло Анчелоти, открива дека Зинедин Зидан драстично му ја промени перцепцијата како треба да се игра фудбал. 

Италијанецот во својата кариера водел бројни европски гиганти, а своевремено од 1999 до 2001 година во редовите на Јувентус соработуваше токму со Зидан.

„Зидан е првиот фудбалер кој ми даде можност да го променам системот на игра на подруг начин. Во мојата прва година во Јувентус, играв во формација 3-4-1-2 со Дел Пјеро и Инзаги пред Зидан. Во втората година пак, играв со четворица во одбраната, двајца напаѓачи и Зидан како „десетка“. Тој ја смени мојата перцепција за фудбалот - пред тоа бев толку фокусиран на 4-4-2, а потоа морав да менувам само за да се чувствува удобно на теренот“, вели Анчелоти. 

60-годишниот стратег оваа сезона ја започна на кормилото на Наполи, но по само неколку месеци заработи отказ, но веднаш најде нов ангажман и сега е на чело на Евертон.