Анчелоти: Реал секогаш настапува со посебна енергија во ЛШ

Предводникот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти го најави дерби дуелот во групата против Интер. „Кралевите“ патот во Лигата на шампионите го започнуваат на „Џузепе Меаца“, против силно мотивираниот Интер, за кој Анчелоти имаше пофални зборови. 

„Лигата на шампионите е специјално натпреварување за мене. Го освојував два пати и имам одлични сеќавања како играч и тренер. Последен пат кога дојдов до трофејот, тоа беше „Ла десима“. 

Интер има нови играчи, со нов систем и идеи од клупата. Имаат големи имиња, одлични се од фудбалска гледна точка, а играат и во добра форма. Очекувам дека ќе биде отворен натпревар, мора да бидеме компетитивни. Јас бев фан на Интер како дете, но потоа го водев Милан и работите се сменија. Сепак, имам огромен респект за ривалот“, започна Анчелоти. 

Меѓу другото, тој беше прашан и за негово мислење околу фаворитите за тронот во Европа. Анчелоти нагласи дека Реал секогаш игра со посебна енергија во ова натпреварување.

„Тешко е да се зборува за фаворити пред стартот на натпреварувањето. Јас само би кажал дека Реал Мадрид секогаш настапува во ЛШ со посебна енергија. Овој клуб го освојувал трофејот најмногу, па планот е да дадеме сè од себе и годинава. Ќе играме против силни ривали, ќе биде тешко да се каже кој е фаворит во секој дуел. Атмосферата кога играме во ЛШ е поинаква и специјална. Не е случајност што Реал 13 пати го освојувал трофејот. Мотивиран сум заедно со играчите, исто како и мојата прва епизода тука“, изјави Италијанецот.

Дерби дуелот во Милано ќе се одигра денес со почеток во 21:00 часот.