Анчелоти: Ова е последен пат да играме ваков меч, на следниот – не доаѓаме!

Реал Мадрид по тежок пат го победи Виљареал (2-1) во рамки на Примера, а по дуелот се имаше многу замерки заради фактот што клубот мораше да игра два меча во краток временски интервал.

По натпреварот тренерот на кралскиот клуб, Карло Анчелоти им се пожали на новинарите поради тоа што неговиот тим го играл овој натпревар во сабота од 18:30 часот, што е помалку од 72 часа од претходниот натпревар против Атлетико во Лигата на шампионите. Тој натпревар започна во средата во 21:00 часот и заврши со победа на Кралевите по подобро изведување пенали.

„Ова е последен пат кога игравме натпревар без 72 часа одмор. Нема да се појавиме и нема да играме ако тоа се повтори. Ние побаравме од Ла Лига двапати да промени терминот на натпреварот. Но, ништо од тоа“, изјави Анчелоти.

Реал Мадрид со оваа победа привремено се врати на врвот на табелата со три бода предност пред Барселона, но и со два натпревари помалку. Виљареал останува на петтата позиција.