Анчелоти: Офанзивно против Барселона, со победа се враќаме во битка за титула!

Легендарниот Карло Анчелоти зборуваше за шпанските медиуми пред утрешното големо „Ел класико“ и вели дека Реал Мадрид мора да ја нападне Барселона и да игра офанзивно. Тренерот на „кралевите“ исто така рече дека неговиот тим не смее да ризикува во ниту еден момент од натпреварот. 

 „Вечерашниот дуел е од исклучителна важност за двата тима. Ние ја посакуваме победата, таа за нас може да го смени и текот на сезоната во Примера. Знаеме за предноста на Барселона, ги знаеме нивните предности и маани, но и тие ги знаат нашите. Мораме да нападнеме, да играме офанзивно и да се обидеме да го совладаме големиот ривал, само на тој начин ќе можеме да се приближиме во трката за титулата. До крајот има уште многу натпревари, ништо не е решено“, изјави популарниот Дон Карло.

Медиумите не заборавија да го прашаат италијанскиот тренер за актуелната ситуација, за моменталната атмосфера во тимот и за неговото евентуално останување во Мадрид и следната сезона. 

„Ние никогаш не сме имале проблеми со атмосферата во соблекувалната. Многу портали и весници фабрикуваат некакви скандали, недоразбирања, но кај нас нема такво нешто. Што се однесува до следната сезона, мислам дека е уште рано да се зборува. Мислам дека сите овде знаат колку го сакам Реал, тука би останал до крајот на животот, но тоа не зависи само од мене. Да почекаме да го видиме исходот на крајот од сезоната, па тогаш ќе можам да ви дадам поконкретен одговор на ова прашање“, заклучи Карло Анчелоти.

Популарното „Ел Класико“ помеѓу Барселона и Реал Мадрид ќе се одигра утре на „Камп Ноу“ со почеток во 21:00 часот.