Анчелоти: Не ми се зборува за фудбал додека трае трагедијата во Валенсија

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во разговор со шпанските медиуми изјави дека фудбалот во оваа земја мора да запре извесно време и целиот човечки капацитет да се насочи кон Валенсија и настраданите во огромните поплави што го зафатија тој регион. 

Стратегот на „кралевите“ смета дека е небулозно што се зборува за фудбал и спорт во моменти кога Шпанија доживеа огромна трагедија, а во природната катастрофа животот го заубија над 160 лица. 

„Не знам како може да зборуваме за фудбал во вакви моменти. Фудбалот мора да запре и извесно време да се фокусираме на настраданите во Валенсија.

Погледнете само што се случи таму, вистинска катастрофа. Не можам да бидам среќен во овие моменти, на тие луѓе им е потребна секоја расположлива помош“, рече Анчелоти. 

Управата на Реал Мадрид веќе издвои сума од еден милион евра како помош за семејствата кои загубија свои членови во поплавите, а помош стигнува и од цела Шпанија, како и од другите европски држави.