• Саше Љолес
Селекторот на бразилската репрезентација, Карло Анчелоти, изјави дека не го „отпишал“ Нејмар од составот за Светското првенство следната година, но потенцира дека играчот мора да биде во солидна форма за да добие повик за „селесао“.
Нејмар неодамна потпиша нов краткорочен договор со Сантос и се очекува да игра повеќе после повредата на задната ложа, а Анчелоти вели дека тој секогаш е добредојден во националниот тим.
„Се работи за многу важен играч. Бразил го обожава Нејмар, а тој го обожава националниот тим. Мислам дека може да добие шанса за Светското првенство, но најпрво ќе мора да ја подобри формата и физичката кондиција.
Ако игра повеќе и прикаже константност во формата, нема зошто да не го повикам. Неговото искуство и талент можат само да имаат позитивен придонес за тимот“, рече Анчелоти.
Нејмар неколку сезони се мачи да ја пронајде вистинската форма, а воедно имаше и големи проблеми со честите повреди. Напаѓачот е вистинска легенда на бразилската репрезентација, за која одигра 102 натпревари и постигна 79 голови.


