• Саше Љолес
Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во разговор со медиумите изјави дека бил сведок на прилично израмнет натпревар во финалето од Купот на кралот против Барселона, но во манир на голем џентлмен го призна поразот од вечниот ривал.
„Кралевите“ загубија со 3-2 во продолженијата и уште еднаш покажаа дека го немаат рецептот за победа над Барса сезонава.
„Се боревме до самиот крај, бевме многу блиску до победата. Натпреварот беше израмнет. Барса беше подобра во првото, а ние во второто полувреме. Замените многу ја подобрија нашаа игра. Мбапе, Арда, Модриќ беа одлични.
Примивме многу чуден гол за 2-2, каков што ретко прима нашата одбрана и голманот Куртоа. Но, кога играш против Барса сѐ може да се случи. Мбапе немаше во нозете 90 минути и затоа одлучив да го ставам во вториот дел. Не би сакал да зборувам за судењето, сакам само да ги пофалам моите фудбалери.
Овој натпревар ќе ја направи екипата посилна во последните пет кола од шампионатот. Што се однесува до мојата иднина, ова не е моментот за тоа. Можеби ќе останам, можеби не. Тоа сега не е важно“, заклучи Анчелоти.
Реал Мадрид сега се фокусира само на настапите во Примера, каде има заостанување од четири бода зад Барселона на пет кола до крајот на сезоната.