• Зоран Мишевски
Во натпреварот за Суперкупот на Европа, Реал Мадрид е изразит фаворит против Аталанта. Квалитетот искуството се на страната на „кралевите“, но и традицијата е сојузник на шпанскиот тим.
Интересно е тоа што клубот од Мадрид ги доби сите 14 финалиња на меѓународни турнири против нешпански клубови во 21 век.
„Спремни сме, иако некои фудбалери ни се приклучија пред неколку дена. Сепак, тимот кој утре ќе излезе на терен ќе биде компетитивен. Заминаа важни фудбалери, но исто така дојдоа важни новајлии. Мбапе добро тренира, фокусиран е и ни ја покажува својата класа секојдневно. Нашиот амбиент е чист и пријатен и ќе ги прифати сите нови фудбалери. Нема тука „кралови“ и „принцови“, групата е водечка и таа ги исфрла шампионите“, рече Анчелоти.
Италијанскиот тренер потоа се осврна на шпекулациите за трансфер на Винициус во Саудиска Арабија.
„Нема никаква вистина за заминување на Винициус. Веста за трансфер во Саудиска Арабија е шпекулација и ништо повеќе. Тој одлично тренира и концентриран е на нашиот тим“, смета тренерот на Реал.
Искусниот стратег потоа зборуваше за познанството со Гасперини и за животот по пензионирањето на Тони Крос.
„Со Гасперини заедно работевме во Јувентус, тактички е одличен тренер, еден од најдобрите. Имаме голема одговорност, мислам дека ги имаме најдобрите играчи, но треба да го составиме најдобриот тим. За тоа ни треба секојдневна работа.
Тони Крос одлучи да си замине, ќе се обидеме да го замениме со поинаков тип на фудбалер. Можеби ќе го смениме и стилот на игра и ќе бидеме подиректни. Мора да се приспособиме на карактеристиките на фудбалерите кои ги имаме“, заврши Карло Анчелоти.
Швајцарецот Сандро Шерер ќе го суди Суперкупот на Европа утревечер од 21:00 часот. Шерер судеше на два натпревари на последниот Евро-шампионат во Германија.