Анчелоти има план за следната сезона: За прво засилување го посакува миленикот од Наполи

Новиот менаџер на Евертон, Карло Анчелоти, паузата ја користи за кроење на планови за следната сезона. Со неговото доаѓање на чело на „карамелите“, тимот од Ливерпул драстично го промени стилот на игра, а со тоа и резултатите се движат во позитивна насока.

Сепак, искусниот стратег не е задоволен од моменталниот ростер со кој располага, па веќе доставил листа на фудбалери кои ги посакува ова лето. Според британските медиуми, прв на листата беше неговиот миленик од редовите на Наполи, Алaн Mаркез Луреиро.

Одличниот играч за врска беше незаменлив во редовите на наполитанците во времето кога тимот беше предводен од Анчелоти, а токму Бразилецот се споменува дека бил еден од главните бунтовници против одлуките на претседателот Аурелио Де Лаурентис. 

Токму оваа ситуација, Анчелоти сака да ја искористи и од раководството на Евертон побарал што побрзо да започнат преговори со агентот на 29-годишниот фудбалер.  

Се шпекулира дека премиерлигашот ќе понуди 40 милиони евра, сума која е прифатлива за Наполи, со оглед на тоа што договорот на Алан му истекува во 2023 година, а веќе подолг период одбива да потпише нов.