• Иван Димовски
Предводникот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, го призна поразот од Лил (1-0) во второто коло од Лигата на шампионите. Италијанскиот стратег призна дека ривалот бил подобар и заслужено победил.
„Доживеавме исход на кој не сме навикнати. Лил заслужи да нè победи, беа подобри во дуелите, едноставно мора да го прифатиме тоа. Мора да учиме од грешките, исто беше и последниот пат кога загубивме. Треба да се учи од поразите.
Мислам дека премногу грешевме, во првиот дел имавме проблеми со транзицијата и не бевме доволно агресивни. Со тоа не креиравме доволно шанси, а немавме ниту многу посед. Бевме бавни и ни недостигаа идеи. Напаѓачите мора да се враќаат и во дефанзива, а ако тоа не е така секогаш е тешко“, изјави Анчелоти.
Францускиот тим издржа пред големиот фаворит и впиша европски триумф пред своите гледачи. Човек на одлука беше Џонатан Дејвид кој погоди во финишот на првото полувреме.