Анчелоти: Чекаме на Елмас, за мене тој е интересен фудбалер!

Македонскиот фудбалски репрезентативец Ељиф Елмас е на пат за Неапол, каде ќе ги финализира деталите и ќе парафира со калчолигашот Наполи. Актуелната ситуација ја прокоментира Карло Анчелоти, стратегот на „наполитанците“.

Трофејниот тренер истакна дека Наполи е многу блиску до реализација на трансферот, а за Елмас вели дека се работи за интересен фудбалер.

„Многу сме блиску до доаѓањето на Елмас, чекаме и се надевам дека истото ќе заврши наскоро. Тој е многу интересен фудбалер, недостасуваат уште детали и се надеваме дека тој ќе ни се приклучи тука во Димаро, пред да заминеме од Трентино“, изјави Анчелоти.

Елмас во Фенербахче пристигна од редовите на Работнички, а турскиот тим за неговиот потпис се очекува да добие нешто околу 18 милиони евра.