Анчелоти: Бидете спокојни, Белингем ќе игра на клучниот меч со Аталанта

Реал Мадрид славеше со убедливи 0-3 на гостувањето кај Џирона на нашиот Бојан Миовски, но навивачите на „кралевите“ повеќе ги загрижи повредата на Англичанецот Џуд Белингем, кој мораше да го напушти теренот во 61. минута од натпреварот. 

Белингем имаше болна гримаса на лицето и делуваше дека повредата можеби не е наивна, но тренерот Карло Анчелоти со една изјава ги смири сите фанови и рече дека не се работи за ништо сериозно. 

„Ќе го имаме Џуд во составот за мечот со Аталанта во Лигата на шампионите. Бидете спокојни, неговата ситуација е солидна. Родриго исто така ќе ни се придружи и покрај проблемите што ги имаше деновиве. Мораме да се фокусираме на позитивните нешта, мечот со Аталанта е многу важен за нас“, изјави Анчелоти. 

Реал Мадрид е во незавидна ситуација во Лигата на шампионите и досега собра само шест бода, што значи дека ќе мора да победи против Аталанта доколку сака да ги задржи шансите за пласман во нокаут-фазата. Натпреварот ќе се одигра на 10 декември во 21:00 часот.