Аморим: Секогаш е убаво кога победуваме, пофалби за моите играчи!

Рубен Аморим и Манчестер Јунајтед конечно донесоа малку радост за навивачите и успеаја да го победат Сандерленд (2-0), со што „ѓаволите“ барем за момент ја смирија тензијата после поразот од Брентфорд во минатото коло. 

Јунајтед ќе замине на репрезентативната пауза со победничка атмосфера, нешто што го радува и португалскиот стратег, кој ги пофали своите избраници за пристапот кон мечот. 

„Не игравме добро во текот на сите 90 минути, но најважно е дека победивме. Секогаш е подобро кога освојуваме бодови, овој пат мислам дека сосема ги заслуживме. Имавме одлично прво полувреме, создадовме многу шанси и можевме да водиме уште поубедливо. 

Видов некои недостатоци во вториот дел и за тоа ќе разговарам со играчите, но сега е важно да ги пофалиме и да им дадеме поддршка. Тие се најважните актери во оваа претстава, јас сум тука за да ги насочам и да им посочам како можат да напредуваат. 

Навивачите беа задоволни и го напуштија стадионот со насмевка, тоа многу ме радува. Одиме на репрезентативната пауза со победничка атмосфера. Се надевам дека сите играчи ќе се вратат здрави и дека ќе прикажеме добро издание на дербито со Ливерпул“, рече Аморим. 

„Ѓаволите“ стигнаа до третиот триумф сезонава и сега имаат вкупно десет бодови. Следен предизвик за нив ќе биде дербито против Ливерпул, кое ќе се одигра на 19 октомври.