• Горан Упале
Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, изјави дека се чувствува засрамен од резултатите на тимот во Премиер лигата оваа сезона.
Португалецот го презеде Јунајтед во ноември минатата година. Тој го водеше тимот во 25 натпревари од Премиер лигата и во тој период има само шест победи. Покрај тоа, има и шест нерешени резултати и дури тринаесет порази, од кои последниот беше против Вест Хем на „Олд Трафорд“ со 0-2.
„Мора да се чувствуваме како да е крај на светот кога не победуваме на натпревар. Се чувствувам засрамено кога ја гледам табелата во Премиер лигата. За мене, не е важно дали ќе ја освоиме Лига Европа, бидејќи проблемите се многу поголеми од тој трофеј“, рече Аморим.
Тој додаде дека проблемот на Манчестер Јунајтед треба да се разгледа многу подлабоко, нешто за кое зборувале и претходните менаџери. И никој не може точно да каже што е тоа.
„Тешко е да се објасни. Чувствувам дека нема итност во сè што правиме. Тоа е голема грижа. Да бидам искрен, не се грижам за финалето. Треба да промениме нешто подлабоко од ова“, додаде Португалецот.
„Ѓаволите“ на табелата во Премиер лигата се на шеснаесеттото место, но ќе имаат шанса да ја спасат сезоната во финалето на Лига Европа, каде што ќе се соочат и со друг тим кој целосно потфрли - Тотенхем.