• Иван Димовски
Португалскиот тренер Рубен Аморим го презеде кормилото на Манчестер Јунајтед во понеделникот и ќе има за цел да го крене клубот на старите патеки. Дебито на клупата Португалецот ќе го има на 24 ноември против Ипсвич Таун во Премиер лигата.
Младиот стратег важи за еден од најперспективните во Европа, со Спортинг правеше чуда, а сега истото треба да го покаже и на „Олд Трафорд“. Тој е љубител на играта со три дефанзивци, па веројатно тоа ќе го наметне и во Манчестер. Обично Спортинг на Аморим играше во 3-4-2-1 или 3-4-3 формација, па ќе биде интересно како ќе ги постави „црвените ѓаволи“.
Се зборува дека таквата филозофија ќе ја применува во Јунајтед. Веднаш се појавија интересни формации и тимови, како потенцијално ќе изгледа тимот на Аморим.
Меѓу стативите е очекувано Онана, во дефанзивата се поставени Јоро, Де Лихт и Мартинез. На позицијата дефанзивни играчи за врска се Касемиро и Угарте, а по страните Мазрауи подефанзивно и Гарначо со офанзивни задолженија. Зад единствениот напаѓач Хојлунд се зборува дека би играле Амад Диало и Бруно Фернандеш.