Аморим: Ги прифаќам критиките, но не отстапувам од својата филозофија

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, после поразот од Манчестер Сити во премиерлигашкото дерби (3-0) изјави дека многу работи не се одвивале како што треба во изминатите месеци, но не изнесе повеќе детали за медиумите. 

Португалскиот стратег рече дека тимот морал да одигра многу подобро на гостувањето кај „граѓаните“, потенцирајќи дека и покрај високиот пораз, нема намера да отстапи од неговата фудбалска филозофија“. 

„Да не бидам сфатен погрешно, но многу луѓе не знаат што се случуваше во изминативе месеци. Ја прифаќам критиката и ја прифаќам секоја одлука на клубот.

Знам дека резултатите не се добри, тоа сите го гледаме. Имам своја филозофија од која не сакам да отстапам. Може да пробаме да ја промениме, а може и да го промените човекот што го води тимот“, рече Аморим. 

Дел од навивачите на Јунајтед сметаат дека Аморим со ваквите изјави се подготвува за отказ од управата. „Црвените ѓаволи“ во следното коло повторно ќе имаат тежок предизвик и ќе се сретнат со екипата на Челзи.