Американскиот „Фокс“ им објасни на фановите зошто Меси не игра за САД!

Дел од американските фудбалски фанови очигледно уште се во процес на едукација за најпопуларниот спорт на планетата, а тоа се потврди и пред вчерашниот натпревар помеѓу Аргентина и Алжир. 

ТВ-мрежата „Фокс“ во еден момент објави телоп на кој беше „објаснето“ зошто Лионел Меси нема да настапи за репрезентацијата на САД, и покрај тоа што игра во клубот Интер Мајами. 

Оваа објава беше дочекана со голема доза на хумор од вистинските познавачи на фудбалот, додека дел од Американците веројатно останаа разочарани што аргентинскиот волшебник не игра за нивната репрезентација. 

„Лионел Меси нема да игра за селекцијата на САД. И покрај тоа што настапува за Интер Мајами, негов национален тим е Аргентина. Меси нема право на настап за Соединетите Американски Држави“, стоеше во објавата на „Фокс“. 

За потсетување, Меси постигна хет-трик против Алжир и ја предводеше својата селекција до првата победа на Мундијалот во САД, Канада и Мексико.