Амбициозните Уругвајци удираат на Сон и Корејците за старт на Мундијалот

Фудбалската репрезентација на Уругвај ќе тргне на Светското првенство со амбиции да се мине групната фаза, а потоа да се запише и што е можно подобар пласман. Во првата рунда оваа селекција ќе се судри со Јужна Кореја, што ќе биде сериозен тест за аспирациите. 

Уругвајците на оваа средба веројатно ќе бидат без услугите на Единсон Кавани, со сигурност нема да игра Роналд Араухо, додека во нападот освежување претставува Дарвин Нуњез кој ќе дебитира на светската сцена. Напаѓачот на Ливерпул дава нов лик на добро познатото дуо на оваа селекција, па сега веројатно ќе го заземе местото на Кавани покрај Луис Суарез. Се работи за искусен тим, одбраната ќе ја предводи ветеранот Годин, кој веројатно ќе игра со Хименез од Атлетико Мадрид во отсуство на Араухо. На средината има ѕвезди како Феде Валверде и Родриго Бентанкур, па Уругвајците поседуваат навистина висок потенцијал. 

Од друга страна, Јужна Кореја сите надежи ги полага во првата ѕвезда на тимот, Хеунг Мин Сон. Фудбалерот на Тотенхем имаше проблеми со носот, меѓутоа на стартот на Мундијалот се верува дека ќе се појави со заштитна маска на лицето. Како далеку најдобар во својот состав, Сон е лидер и од него се очекува најмногу. Во тимот на Корејците има уште шестмина кои играат во Европа. Тука е соиграчот и добар пријател на Ељиф Елмас од Наполи, Ким Мин Јае, како и Хванг Хи Чен од Волвс, Јае Сунг од Мајнц, Во Јеонг од Фрајбург, Канг Ин од Мајорка и дуото на Олимпијакос, Уи Јо и Ин Беом. 

Уругвајците важат за фаворит на оваа средба, меѓутоа веќе на стартот на Светското првенство се виде дека таа улога не носи ништо ако тимот не се испоти за да ја оправда. Пресметката на Уругвај и Јужна Кореја се игра во Ал Рајан од 14:00 часот.