• Иван Димовски
Репрезентацијата на Алжир потфрли во баражот за Светското првенство и по разочарувачкиот настап на Африканскиот куп на нации, каде што не ја мина групната фаза, сега одново ги растажи фановите.
Во бараж реваншот за билет во Катар, Алжирците играа дома и имаа предност од 1-0 над Камерун. Сепак, гостинот рано ја анулира негативата, а потоа се случуваше вистинска драма. Двапати му беа поништени погодоци на Ислам Слимани, за во 118. минута Туба да предизвика делириум на стадионот. Потоа кога сите очекуваа крај, Карл Токо Екамби во 124. минута ги шокира домашните и даде гол вреден пласман на Мундијалот.
Сепак, по натпреварот Алжир не може да го прифати поразот. Според најавите, фудбалскиот сојуз на оваа земја побарал од ФИФА натпреварот со Камерун да се преигра поради лоша арбитража од судијата Бакари Гасам од Гамбија. Алжирците сметаат дека се оштетени во повеќе наврати, па се решија за очајнички потег.
Тешко веројатно е дека ФИФА ќе прифати било што и дека состојбата со елиминацијата на Алжир ќе се промени.