• Сашо Поповски
Пенал рулетот го даде третиот учесник во полуфиналето на Афричкиот Куп на Нации. Репрезентацијата на Алжир победи во дуелот со Брегот на слоновата коска благодарение на промашувањата на Вилфред Бони и Сереј Дие.
Резултатот во регуларниот тек од натпреварот беше 1-1, а по пеналите 3-4 во корист на алжирските фудбалери.
- Извештај од натпреварот:
Алжирците поведоа и имаа повеќе шанси во првото полувреме. Искусниот Софиан Фегули со одмерен удар донесе предност за својата селекција која пропушти можност да го зголеми водството во 48. минута. Неуспешен реализатор на најстрогата казна беше Багдад Бунедџах кој ја промаши рамката од голот и не искористи шанса за да донесе убедлива предност.
Поради тоа пристигна казна на спротивната страна преку Жонатан Коџиа. Фудбалерот на Брегот на слонова коска испрати навидум млак удар по земја, но доволно прецизен за да донесе радост меѓу соиграчите.
Погодоците изостанаа во остатокот од мечот и двете продолженија по 15 минути, па победникот и патникот во полуфиналната фаза се решаваше по изведувањето на пенали. Трагичари на крајот беа Бони и Дие кои не погодија и беа најзаслужни за елиминацијата на својот тим.