• Иван Димовски
Денес ќе стартува Афричкиот Куп на нации кој ќе се одржи во Камерун. По одложувањата, дојде време најдобрите селекции во Африка да вкрстат копја и да се борат за трофејот на турнирот чие финале е закажано за шести февруари.
Тронот на континенталното првенство во Африка го брани селекцијата на Алжир. Репрезентацијата која тогаш на теренот ја предводеа Ријад Марез и Исмаел Бенасер, помогнати од Слимани, Оунас, Бунеџах, Фегули во мечот за трофејот минимално го совлада Сенегал (0-1).
Слично како и во претходното издание во 2019 година, така и сега Сенегал е прв фаворит да стане африкански првак, ама според букмејкерите немаат огромна предност. Ѕвездите на Ливерпул, Садио Мане во Сенегал и Мохамед Салах во Египет ќе имаат главен збор на овој турнир. Токму Еѓипќаните важат за втор фаворит според обложувалниците, но и во реалност е така.
Алжир се надева дека може да го повтори успехот. Предводени од разиграниот Ријад Марез, освојувачите на последниот трофеј на Афричкиот Куп на нации имаат добри шанси да се борат за тронот. Кога се работи за ова поднебје, никогаш од математиките и битката за трофеи не смее да се изостави Брегот на Слоновата Коска. Оваа земја секогаш има квалитетни фудбалери кои имаат за цел да ја израдуваат нацијата. Меѓу фаворитите „од сенка“ може да се вбројат Нигерија и Камерун, а нешто пониско котираат Мароко и Гана.
Со натлреварот на домаќинот Камерун против Буркина Фасо денес од 17:00 часот ќе се крене завесата на Афричкиот Куп на нации, а подоцна играат уште Етиопија со Зеленортските острови.