Алтипармаковски: Одигравме одлично против Македонија ЃП, победата е заслужена

Марјан Алтипармаковски и тоа како го оправдува ангажманот во летниот преоден рок издвојувајќи се по десет натпревари како еден од најдобрите стрелци во Првата македонска фудбалска лига.

Битолчанецот запиша и два гола во убедливата победа од 4-1 над Македонија ЃП, па со вкупно седум погодоци е голгетер број еден во редовите на „сините“.

„Овој тим на Брегалница има навистина голем капацитет. Среќен сум што тоа го покажуваме на терен. Но, не се залетуваме секако. Нашата цел е да одиме од натпревар на натпревар. Одличен натпревар одигравме против Македонија ЃП во кој повеќе од заслужено триумфираме. Сето тоа ни носи дополнителен мотив за продолжението од првенството“, вели Алтипармаковски.

„Сините“ веќе во среда ги очекува осминафиналето од Купот на Македонија против второлигашот Охрид, кој сезоната ја започна далеку под очекувањата.