• Горан Упале
Реал Мадрид забележа уште еден неуспех сезонава и пред својата публика загуби со 1-2 од Манчестер Сити во Лигата на шампионите, но тренерот Чаби Алонсо нагласува дека ангажираноста на играчите била на високо ниво и верува во подобрување на резултатите во претстојните натпревари.
И покрај поразот, Алонсо гледа само на позитивните работи, а за тоа зборуваше и по натпреварот.
„Почнавме добро, постигнавме гол и создадовме неколку добри шанси, но нашиот противник брзо нè престигна. Играчите дадоа сè од себе, а сега мора да гледаме напред“, рече Алонсо.
Потоа тој зборуваше за својот однос со Гвардиола.
„Го познавам Пеп многу добро, знам што мислеше со своите изјави пред натпреварот. Тоа е сè што ќе кажам. Ова не е нова ситуација за многу тренери, особено во Реал Мадрид. Треба да се прифати со храброст, одговорност и самокритика. Сепак, и покрај резултатите, видов позитивни работи и тимот е тука“, нагласи Алонсо.
Следниот предизвик за „кралевите“ е гостување кај Алавес, каде што ќе се обидат да се вратат на победничките патеки.



