ВИДЕО: Алмада даде гол-перфекција, Аргентина без Меси и Лаутаро слави во Уругвај!

Фудбалерите на Аргентина забележаа голема победа на гостувањето на „Сентенарио“ кај Уругвај во Монтевидео со 0-1 (0-0) во квалификациите за Светското првенство. Иако беше без Лионел Меси и Лаутаро Мартинез селекцијата на Лионел Скалони дојде до важен триумф. 

  • Уругвај - Аргентина 0-1:

Првото полувреме на славиот стадион во Уругвај не понуди премногу. Се играше типично јужноамериканско дерби со доста цепкање на играта и прекини, а Марсело Биелса во финишот на првиот дел мораше да го менува Де Араскаета со Де ла Круз.

На стартот на вториот дел првата посериозна закана ја имаше Тиаго Алмада, но неговиот удар го скроти голманот Рочет. Аргентинците беа поактивни на теренот и во офанзивата, па тоа им се исплати со водечки погодок. Течеше 68. минута кога Алварез му одложи топка на Алмада, а овој откосо и од повеќе од 20 метри даде гол-перфекција. Младиот играч за врска со многу чувство биеше во спротивниот агол со ефе за убав погодок кој го замолкна „Сентенарио“. 

Уругвајците се мачеа да се наметнат и до крајот не успеаја да стигнат до израмнување. Длабоко во судиското продолжение Нико Гонзалез доби директен црвен картон, откако невнимателно го клоцна Нандез со копачка в лице. Со оваа победа Аргентинците се одлепија на врвот со 28 бода, шест повеќе од Еквадор, Бразил скокна на третото место со 21, а Уругвај падна на четвртото со 20 бода.

Важна домашна победа синоќа извојува и Еквадор, кој ја совлада Венецуела со 2-1.