Алкохолот и коцката го уништија: „Ферги ми нудеше 100.000 фунти да се откажам од фудбалот“

Ирскиот дефанзивец Пол Мекграт во осумдесетите години од минатиот век беше стандарден првотимец за Манчестер Јунајтед, но дефинитивно не го исполни својот целосен потенцијал. Англиските медиуми многупати пишуваа за неговиот животен пат и често го интервјуираат. Интересно им е да слушнат за блескава кариера пропратена со борба со демони, тешки психички состојби, обиди за самоубиство, пороци...

Поранешниот новинар на угледниот „Гардијан“, Доналд Мекреј, своевремено го нарече Пол Мекграт најубавиот фудбалер што некогаш го сретнал, но не бега од фактот дека приказната на ирскиот стопер е трогателна, ранлива и брутална. Мекграт му опишал на споменатиот новинар како изгледал неговиот обид за самоубиство.

„Лежам пијан и засрамен на работ од креветот и посегнувам по ножот. Се сеќавам на крвта, излевањето на подот и криците на дадилката која ги чуваше моите синови“ - рекол Ирецот пред 15 години во интервју за „Гардијан“, опишувајќи како си ги пресекол вените.

Мекграт минатата недела за „Телеграф“ се потсети на неговата ера во Манчестер Јунајтед по доаѓањето на Сер Алекс Фергусон во ноември 1986 година. Познатиот шкотски стручњак не бил голем обожавател на Мекграт, не му се допаѓале неговите неспортски навики, кои вклучувале и алкохол на дневна основа.

„Не ме шокираше тоа што Фергусон не ме сака. Тогаш се однесував чудно, претерувавме со забавите“, започна дефанзивецот, па раскажа дека легендарниот менаџер на Јунајтед дури му понудил пари за да ја заврши кариерата.

Ме повика во својата канцеларија и ми кажа дека сака да престанам да играм фудбал. Ми рече дека морам да престанам да пијам и да се коцкам, дека ќе ми даде 100.000 фунти ако веднаш ја завршам кариерата и се вратам во Ирска. Сериозно размислував да ја прифатам понудата, во тие денови 100.000 фунти беа огромна сума на пари. Разговарав со соиграчите и на крајот решив да продолжам, ми се чинеше дека имам уште што да кажам“, откри Мекграт 35 години подоцна.

Година и пол подоцна се пресели во Астон Вила, а потоа играше за Дерби Каунти и Шефилд Јунајтед, каде ја заврши кариерата во 1998 година. Мекграт има 53 настапи за ирската репрезентација, постигнувајќи осум гола во националните бои. Двапати беше прогласуван за најдобар играч на својата земја, со Астон Вила подигна два трофеи во Лига купот, а претходно со Јунајтед го освои и ФА Купот.