Алисон емотивен по голот: „Се надевам дека мојот татко гледа од горе...“

Голманот на Ливерпул, Алисон Бекер беше херој на својот тим бидејќи успеа да постигне гол за победа против ВБА, со кој неговата екипа остана во полноправна трка за место во Лигата на шампионите. 

Александер-Арнолд нафрли од корнер, а Бразилецот беше највисок во скокот и со глава го „сруши“ ривалот. По овој момент, Алисон беше емотивен и заплака, а по дуелот се изјасни која е причината за тоа. 

„Сакав да бидам во шеснаесетникот за да им помогнам на соиграчите и да навлечам барем еден дефанзивец на себе. Сепак, никој не ме чуваше и се случи што се случи. Мислам дека Бог влијаеше на мојата глава, се чувствувам благословено. Полн сум со емоции, по сè што се случуваше со моето семејство. Фудбалот е мојот живот, а откако знам за себе играв со таткоми. Се надевам дека тој го видел ова, сигурен сум дека заедно со Бог на небото слават“, изјави голманот на Ливерпул. 

Ливерпул по оваа победа се наоѓа на само бод зад Челзи и два зад Лестер, но двата ривали играат меѓусебе во следното коло од што „црвените“ ќе профитираат ако го победат Барнли.