Алиоски: Ништо не е завршено, но Лидс заслужува да игра во Премиер лигата

Екипата на Лидс Јунајтед како никогаш досега е блиску до враќање во фудбалската елита во Англија. Момците на Марсело Биелса играат фантастична сезона, а еден од најдобрите поединци несоменено е нашиот репрезентативец Езџан Алиоски. 

Левиот офанзивен бек вели дека нивната работа сè уште не е завршена, но смета дека Лидс заслужува да биде шампион во Чемпионшип. 

„Ништо не е завршено, размислуваме само за следниот натпревар и за шансата да освоиме што повеќе бодови до крајот на сезоната. Во фудбалот сè може да се случи, сите наши противниците даваат сè од себе. Овој тим заслужи да ја освои лигата, се бориме максимално за да покажеме дека сме најдобриот тим. Секогаш сакам да освојам нешто, фановите и клубот го заслужуваат тоа. Блиску сме да се вратиме во Премиер лигата, да бидеме дел од тоа што клубот го заслужува. Немам зборови за моментот кога тоа ќе се случи, сакам да уживам во тоа, но мора да размислуваме само од натпревар во натпревар. Уживам во секој ден тука.“ вели Алиоски.

До крајот на шампионатот преостануваат уште четири кола во кои Лидс треба да собере шест бода и ќе биде промовиран за нов премиерлигаш.