Алиоски: Следна цел ни е пласман на Македонија на СП во Катар

Македонската химна за еден месец за првпат ќе се чуе на еден голем репрезентативен фудбалски настан. Нашата најдобра селекцијата обезбеди историско прво учество на Европско првенство, каде на 13 јуни против Украина ќе го има своето деби.

Еден од најдобрите фудбалери во ростерот на Игор Ангеловски, левиот бек на Лидс Јунајтед, Езџан Алиоски во интервју за сајтот на ФИФА, истакна дека следна цел на Македонија ќе биде пласман на Светското првенств во Катар 2022 година.

„Како што секое дете што го сака фудбалот, така и јас пораснав сонувајќи дека еден ден ќе играм на големо натпреварување - Лига на шампиони, Европско првенство, Светско првенство…Едната желба ми се оствари, па сега ќе се борам за настап во Лигата на шампионите и на Светското првенство. Со победата над Германија мора да веруваме дека можеме да се пласираме на Светското првенство во Катар. Според мене Македонија е поквалитетна од Романија, Исланд и од другите селекции во групата. Следен чекор на Македонија е пласман на Светско првенство“, рече Алиоски.

Алиоски веќе подолго време е стандарден првотимец во дресот на Македонија, а оваа сезона игра во фантастична форма за Лидс, што секако е добра вест за Ангеловски и македонските фудбалки фанови.