Алиоски си подаде рака со Анталијаспор, но излезе проблем и ќе почека!

Македонскиот фудбалски репрезентативец Езџан Алиоски има нов клуб. Левиот бек се согласи да премине во турска Анталијаспор, но излезе проблем и неизвесно е дали трансферот ќе се реализира.

Имено, клубот во текот на вчерашниот ден добил нова суспензија за трансфери. Причината е долг кон босанскиот фудбалер Дарио Шариќ кој испратил побарувања за исплата на долгови до ФИФА. Овие вести доаѓаат како проблем за Анталијаспор, затоа што се на два дена пред крајот на преодниот рок.

Управата на клубот веќе имала итен состанок, на кој се разговарало како да се реши новонастанатата ситуација. Присутните страни донеле одлука - „суспензијата за трансфери ќе биде тргната до 13 септември“.

Пред оваа суспензија да пристигне, Анталијаспор го потпишала Андрос Таусенд кој претходно чекаше да се тргне забраната за трансфери. Сега, компликации има со трансферот на Алиоски. Од Турција велат дека 32-годишникот веќе си подал рака со клубот, ама промоцијата ќе биде направена кога ќе се реши проблемот со забраната.

Езџан Алиоски нема одиграно клупски натпревар скоро една година, а беше член на Ал-Ахли од Саудиска Арабија.