• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски верува дека Македонија има квалитет да ѝ се спротивстави на Швајцарија во претстојниот септемвриски квалификациски натпревар, иако противникот важи за фаворит. Во интервју за „Опен ТВ“, искусниот лев бек истакна дека македонската репрезентација и во минатото покажала дека може рамноправно да се носи со селекции од највисоко ниво.
„Швајцарија е репрезентација која настапи на Светското првенство и одигра одлични натпревари. Тие се фаворити, но ние ќе го дадеме максимумот. И претходно покажавме дека можеме да бидеме рамноправни со вакви селекции“, изјави Алиоски.
Тој нагласи дека дуелот претставува голем мотив за македонските фудбалери и дека подготовките ќе бидат максимално сериозни.
„Овој натпревар е голем мотив за нас. Ќе се подготвиме најдобро што можеме, иако во период од десет дена нè очекуваат неколку важни натпревари. На домашен терен докажавме дека можеме да освоиме позитивен резултат против секого. Веруваме дека и против Швајцарија можеме да одиграме голем натпревар и да приредиме изненадување“, порача Алиоски.
Нашиот национален тим против Швајцарците игра во месец септември, кога стартува новата сезона во Лигата на нациите.


