Алиоски остана на клупата во поразот на Фенер кај Коњаспор

Фудбалерите на Фенербахче го доживеаја првиот пораз во новата сезона на турската Супер лига, откако загубија на гостувањето кај Коњаспор со минимални 1-0 (0-0). Пресметката на „Коња Бујукшехир Беледије стадион“ не понуди премногу возбудувања, гостинот од Истанбул беше инфериорен и загуби. 

На оваа средба шанса за настап не доби македонскиот репрезентативен бек Езџан Алиоски кој беше резервист и остана на клупата за резервни играчи. 

Проблемите на Фенербахче започнаа рано, бидејќи во 22. минута останаа со десетмина. Енер Валенсија имаше вербален и за малку физички дуел со противнички дефанзивец, па доби директен црвен картон. Тоа влијаеше врз играта на истанбулскиот гигант кој остана да се брани. Во второто полувреме силите на теренот се израмнија, бидејќи Демирбаг заработи втора јавна опомена и беше исклучен по девет минути игра по паузата. 

Сепак, ниту тоа не беше доволно за Фенер да заигра подобро и посигурно. Напротив, течеше 66. минута кога Мухамед Демир стрела за водство на Коња по асистенција на Битиќи. До крајот на мечот резултатски промени немаше, па Фенербахче го доживеја првиот сезонски пораз.