ВИДЕО: Алиоски одигра за чиста десетка, Лидс пак „среди“ англиски великан!

Екипата на Лидс Јунајтед како да е претплатена за успеси против екипите од „големата шестка“ во Премиер лигата. Момците на Марсело Биелса „средија“ уште еден великан, откако на свој терен со убедливи 3-1 го совладаа Тотенхем и на еден начин го отпишаа од трката за Лигата на шампионите. 

  • Извештај од натпреварот:

По победата над Манчестер Сити и ремија исходите против Челзи, Манчестер Јунајтед и Ливерпул, тимот од Јоркшир уште еднаш докажа дека местото му е во англиската елита, а на овој натпревар на „Еланд Роуд“ блескаше Езџан Алиоски. 

Македонскиот репрезентативец можеби го одигра најдобриот натпревар во својата кариера во Премиер лигата, не само затоа што запиша асистенција, туку беше непогрешлив и во фазата на одбрана и во нападот. После ваков натпревар на Алиоски, раководството на Лидс сериозно треба да размисли дали ќе се сложи да остане без левиот бек, кому по завршувањето на сезоната му истекува договорот, а засега нема индиции дека е пред потпишување на нов. 

Натпреварот на култниот англиски стадион започна со брз шок за фаворитот на хартија, откако Далас во 13. минута го отвори резултатот и донесе водство за Лидс. Само 12. минути подоцна, Сон се најде на вистинското место и го врати Тотенхем во живот, но пред крајот на полувремето по една одлична тимска акција, Алиоски додаде до Бамфорд, а англискиот напаѓач без проблеми го врати водството на својата екипа.

Во вториот дел „петлите“ со сите сили тргнаа по нов погодок, Кејн, Бејл и Сон пропуштија големи шанси за 2-2, по што следуваше казна и Родриго во 84. минута погоди за конечни 3-1. Во следното коло Лидс го чека гостување кај Барнли, додека Тотенхем уште еден тежок меч против Вулверхемптон.