Алиоски: Ни недостигаат навивачите, но јас ќе прославувам како да се тука

Езџан Алиоски одигра уште една одлична партија во дресот на Лидс и со еден гол учествуваше во сигурната победа над големиот ривал Фулам (3-0).

Македонскиот репрезентативец беше стрелец на вториот гол, а неговата прослава по реализацијата стана хит на социјалните мрежи. Иако натпреварот на „Eлан роуд“ се играше пред празни трибини, Алиоски ги отпоздравуваше „картонските“ навивачи, а потоа ја објасни својата реакција. 

<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Џани Алиоски со еден потег стана хит на социјалните мрежи

„Ни недостигаат навивачите, особено на „Елан роуд“. Сега треба сами да бараме начини како дополнително да се мотивираме. Кога ќе дадете гол секогаш сакате да го прославите со навивачите, а особено на нашиот стадион. Затоа се обидов да прославам со нив, јас ќе ги паметам како да беа тука. Се надевам ме гледаа на телевизија, но мојата слика е дека голот го прославивме заедно, иако тие не беа на трибините“, вели македонскиот репрезентативец.

Лидс е на чекор до враќање во Премиер лигата, но Алиоски вели дека бодовната разлика во однос на останатите екипи кои се борат за промоција во елитата не треба да ги интересира.

„До крајот на сезоната уште многу да се игра. Убаво е да се има предност, но таа не треба да нè интересира. Дали се осум или десет бода, не е важно, ние треба да одиме натпревар по натпревар и да победиме на сите останати седум кола“, додава Алиоски. 

Македонскиот ас против Фулам го постигна својот петти овосезонски погодок од вкупно 19-ти во дресот на Лидс во Чемпионшиоп (по седум во претходните две сезони).