Алиоски: Не се плашиме од фаворитската улога, мислиме само на нашата игра

По топло време од 25 степени целзиусови, македонските репрезентативци денес тренираа во Гибралтар на „Викторија стадион“, каде што за два дена ќе ја започнат својата мисија кон место на „фајнал-фор“ турнирот на Лигата на нации.

Првата од шесте пречки е аутсајдер и непознаница, но нашите фудбалери не зборуваат со потценување за Гибралтар. Езџан Алиоски со респект и пофалби зборуваше за Марсело Биелса, кој го препороди Лидс Јунајтед по доаѓањето пред неколку месеци.  

„Во Лидс ми е убаво, играм во континуитет, победуваме...Очигледно Марсело Биелса донесе многу нови работи, бидејќи фудбалерите се истите, но резултатите се многу подобри. Многу работа на тактиката, но и бара физички да сме максимално подготвени. Не може да се споредуваат тренинзите во клуб и во репрезентација, бидејќи тука сме само неколку дена со стриктна мисија и подготовка само на наредниот натпревар“, ни рече Алиоски.

Поранешниот фудбалер на Лугано потоа се осврна на Гибралтар и нашата улога на фаворит во натпреварот. Според Алиоски тоа не треба да ни биде дополнителен притисок. 

„Не се плашиме од фаворитската улога, во добра позитивна серија сме и само победа ни е во мислите. Не знаеме многу за противникот, но се фокусираме на нашата игра, на ова што го работиме на тренинзите. Без разлика на која позиција да играм, ќе бидат подготвен за настап“, заврши фудбалерот на Лидс Јунајтед.

Утре од 10:15 часот нашите фудбалери ќе го одработат последниот тренинг пред дуелот со Гибралтар в четврток навечер.