Алиоски мора на операција и само чудо може да го врати за Австрија и Полска

Екипата на Лидс Јунајтед синоќа забележа неочекуван пораз од Брентфорд во Чемпионшип лигата, но овој пораз на тимот од Јоркиш остана во секна на незгодната повреда на Езџан Алиоски.

>>> ПОВРЗАНО - Алиоски се повреди, Лидс сè подалеку од директен пласман во ПЛ!

Нашиот репрезентативец ги одигра само почетните 12 минути игра, откако поради силни болки во пределот на коленото беше приморан предвреме да го заврши мечот, а по денешните дополнителни прегледи пристигна најлошата вест. 

Од редовите на Лидс информираат дека сезоната за македонскиот интернационалец е завршена, откако синоќа го скинал менискусот на коленото и уште денес ќе му биде извршен оперативен зафат. 

Според најавите му се предвидуваат најмалку шест седмици за заздравување, а тоа ќе значи дека со сигурност ќе ги пропушти клучните дуели на Македонија против Австрија и Полска, во јунската репрезентативна пауза. 

27-годишникот ја играше својата најдобра сезона во кариерата, под водство на Марсело Биелса ги покриваше и бековската и крилната лева позиција, а како стартер одигра 43 натпревари во Чемпионшип.