Алиоски: „Малата“ Македонија направи чудо кое долго ќе се памети!

Езџан Алиоски беше важен дел од составот на Македонија, во победата на Германија (1-2) среде Дуизбург, резултат кој воедно е прв пораз на „панцерите“ во едни мундијалски квалификации во последните 20 години.

Во интервју за „Зона Гола“, Алиоски говореше за натпреварот и истакна дека дуелот кој нашиот национален тим го доби со головите на Пандев и Елмас вечно ќе се памети.

„Влеговме во мечот со голема желба затоа што знаевме дека нема што загубиме и тоа беше шанса да го покажеме нашиот квалитет. Игравме доста добро на тактички план и оваа победа ќе се памети уште долго. Ниту една друга балканска селекција не победила кај Германија, а „малата“ Македонија дојде кај четирикратниот светски шампион и го победи. Мора да уживаме, затоа што ова долго ќе се памети, но исто така ако сакаме СП ќе мора да одиме против Германија на победа и дома. Овој тим има индивидуален квалитет, сите играчи во стартната постава се интернационалци и верувам дека ова помага. Организацијата е перфектна, почнувајќи од претседателот Сејдини, потоа тренерот Ангеловски и играчите. Имаме голема самодоверба, пет години сме заедно и ние не сме само колеги, ние сме пријатели и сме една обединета група“, вели Алиоски.

Македонија во квалификациите за СП 2022 има две победи, а покрај над Германија славеше над Лихтенштајн и сега се наоѓа на второто место.