Алиоски и соиграчите доброволно си ги намалија платите, за да му помогнат на Лидс

Фудбалерите на Лидс, меѓу кои и нашиот репрезентативец Езџан Алиоски, заедно со членовите на стручниот штаб, донесоа одлука доброволно да земаат помала плата во наредниот период, така што клубот ќе може да функционира непречено во време кога нема натпревари.

Поради суспендирањето на шампионатите сите клубови трпат големи финансиски загуби, па затоа солидарноста е најдоброто решение за справување во оваа криза. Менаџерот Марсело Биелса и неговите пулени, решија да добиваат значително помали финансиски примања, со цел клубот да може да ги исплати околу 270-те вработени, кои немаат никаква врска со фудбалот. 

„Моите играчи покажаа неверојатно чувство за единство и заедништво. Сакам да им се заблагодарам на Биелса, неговите соработници и играчите што клубот го ставија на прво место“, рече директорот на Лидс, Виктор Орта.

Лидс оваа сезона како никогаш досега во последниот период е блиску до враќање во Премиер лигата, каде во минатото долги години биеше битки за шампионскиот трофеј.