Алиоски: Елмас е супер човек и мој другар, сакав во Фенер уште од лани

Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски во интервју раскажа како се одлучил за трансферот во турски Фенербахче и воедно ја коментираше приказната дека Ељиф Елмас му бил од помош за заминувањето во турскиот гигант.

Крилниот играч имаше само пофалби за колегата од националниот тим. Алиоски кажа дека Елмас е фантастична личност и негов другар, но немал влијание на одлуката тој да дојде во Фенербахче.

„Очигледно е дека при секој трансфер медиумите пишуваат по нешто. Така се појавија и написи дека Елмас ме убедил да дојдам тука. Да, разговарав со него откако потпишав за клубот, ама не и претходно. Минатата година разговаравме на оваа тема додека бевме со националниот тим, но ништо не беше конкретно. Ми честиташе откако го одбрав ова место. Ељиф е фантастична личност и супер дечко. Тој е секогаш позитивен. Фудбалер со одличен талент, важен за националниот тим. Тој е мој многу добар пријател и среќен сум што го имам“, изјави Алиоски.

Фудбалерот откри дека за Фенербахче размислувал на големо уште минатото лето, пред да замине во Саудиска Арабија, па затоа не размислувал многу кога ја добил понудата.

„Инаку, сакав да дојдам во Фенербахче уште лани, ама тоа не се случи. Отсекогаш сонував да играм за овој голем клуб. И кога навистина посакуваш некои нешта, може да се случат. Кога чув дека Фенербахче е заинтересиран за мене, бев многу возбуден. Убаво е да си во овој клуб. Уживам и се надевам дека со соиграчите ќе ги радуваме навивачите“, смета македонскиот фудбалер.

Алиоски сезоната ќе ја мине како позајмен од редовите на Ал-Ахли Џеда од Саудиска Арабија, а Фенербахче има право на откуп доколку е задоволен од игрите на македонскиот репрезентативец.