• Мартин Танасковски
Езџан Алиоски беше еден од играчите со најпозитивна оценка на мечевите со Белгија и Казахстан. Реми и победа е билансот од јунсиот прозорец за Македонија, која нанижа десет меча по ред без неуспех и заокружи цела година без пораз.
Играчот кој го даде голот за реми со Белгија, а учествуваше и во победата со Казахстан, вели дека секогаш сака да победува со Македонија, а без разлика дали игра на клупски план или не, кога игра за националниот тим, дава се од себе за доброто на тимот и на резултатите. Неговиот сон е пласман на СП 2026.
„Сакавме да дојдеме до победата во Казахстан, тоа ни беше главна цел и успеавме. Знам дека не прикажавме најдобар фудбал, но таков е спортот, одигравме добар меч со Белгија, а не победивме, а сега со Казахстан можеби не блескавме, ама ги освоивме трите бода. Теренот исто така влијаеше на тоа, знаете дека е различно да се игра на вештачка трева, бевме и уморни од долгиот пат. Ама дадовме се од себе и успеавме во нашата намера. Секогаш кога сум на терен, давам се од себе, доаѓам во националниот тим со желба да достигнам што е можно повеќе и да ги остварам соништата кои ги имам со Македонија. Ќе се трудам тоа така да биде секој пат“, изјави Алиоски.
Македонија ги продолжува настапите во циклусот за СП 2026 на домашен терен во септември, кога во Скопје доаѓа Лихтенштајн.