Алиоски: Боли поразот од Скопје, растеретени ќе покажеме што знаеме

Во отсуство на Стефан Ристовски, капитен на националниот тим ќе биде Енис Барди, кој од пред неколку недели е фудбалер на Трабзонспор. Со преминот во Турција, фудбалерот за врска се соочува со натпревари и во европските клупски натпреварувања, па има голем број натпревари на почетокот од својата прва сезона во Трабзон. Сличен скок во турскиот фудбал има и Езџан Алиоски, кој од пред неколку месец е член на Фенербахче.

Барди и Алиоски треба да ја поведат селекцијата на дуелот со Грузија, по кој ќе бидат многу работи појасни за иднината на нашиот национален тим во Лигата на нации.

Новиот ас на Фенербахче го најави дуелот на средбата со „седмата сила“.

„Добро го знаеме стадионот во Тбилиси, но сега ни следи ново ниво и ново натпреварување. Го знаеме квалитетот на Грузија, домашните навивачи ќе бидат тука, но тие не играат на терен. Поразот на домашен терен „боли“ и тука сме да покажеме што знаеме и што заслужуваме. 

Не е потребно јас како повозрасен да ги мотивирам помладите. Овој дрес е сам по себе мотивација. Атмосферата е одлична, но свесни сме дека победа ќе ни донесе уште подобра атмосфера. Растеретени сме и мислиме само на нас“, заклучи новата ѕвезда на Фенербахче. 

Билетите за дуелот утре попладне се распродадени и по два натпревари пред празни или полупразни трибини, Македонија ќе гостува пред десетици илјадници грузиски фанови.