Алиоски заменет на полувреме - дали го губи првотимскиот статус кај Биелса?

Англискиот великан Лидс Јунајтед остана на врвот на Чемпионшип лигата, откако синоќа со голем бод се врати од тешкото гостување кај ланскиот премиерлигаш Свонси Сити. Тимот предводен од легендарниот Марсело Биелса одигра фантастичен натпревар во Велс и со головите на Руф и Хернандез стигна до реми од 2-2. 

Нашиот репрезентативец Езџан Алиоски повторно беше во стартната постава на популарниот „лудак“, но одигра лоши први 45 минути, па по паузата наместо на терен, остана во соблекувалната.

Засега не е позната вистинската причина за оваа одлука на Биелса, но како што пишуваат локалните медиуми од Лидс, Алиоски полека го губи првитимскиот статус во тимот. За вчерашното прво полувреме нашиот крилен фудбалер доби оценка четири, што е негова најслаба оваа сезона. 

Алиоски настапи на сите натпревари за Лидс оваа сезона, и запиша еден гол (против Дерби во второто коло). Лани, својата премиерна сезона во Англија ја започна на одличен начин, постигна неколку гола во серија, но како одминуваше сезоната, така неговата форма опаѓаше и во финишот на истата повеќе ја грееше клупата, отколку што беше на терен.