• Иван Димовски

Фудбалерите на Силекс се вратија на победите во ПМФЛ, откако дома славеа против Тиквеш со минимални 1-0 (1-0) во средбата од деветтото коло. Средбата на „Градскиот стадион“ во Кратово ја реши еден погодок, а ова е победа за домашните по три врзани порази во мак-фудбалот.
Успеа домашната екипа рано да поведе, поточно во деветтата минута преку голот на Ади Алиќ. Босанскиот фудбалер доби проигрување во шеснаесетникот од Пиреш, па Алиќ со удар по земја реализира за 1-0. По примениот гол кавадарчани се отворија и почнаа да притискаат. Следуваа шанси преку Миловановиќ кој излета сам пред голот на домашните, ама реши да додава и погреши, а по него се закани и Стојанов. Голманот Џеков имаше две интервенции и го задржа својот тим во предност, а резултатот до полувремето не се менуваше.
Во второто полувреме тимот на Александар Васоски добро го умртви темпото на игра. Тиквеш се обидуваше да се наметне и да гради шанси, ама не беше лесно против добро поставената домашна одбрана. Имаа кавадарчани неколку полушанси, меѓутоа Џеков и одбраната ги одбија налетите пред својот гол. До крајот Силекс го одбрани рано стекнатото водство и прокнижи нови три бода.
Со оваа победа Силекс стигна на 18 бода на четвртото место, додека Тиквеш со осум бода е деветтопласиран.



