ВИДЕО: Алији му пресуди на Силекс, „лавовите“ на чекор до ново Куп-финале!

Бранителот на тронот во Купот, екипата на Македонија Ѓорче Петров, ќе игра ново полуфинале откако минимално го совлада Силекс со 1-0 (0-0). Дуелот понуди прв дел на доста потопен терен поради дождот во Скопје, па темпото на игра не беше на завидно ниво. Сепак, ѓорчепетровци беа подобар ривал во текот на целиот натпревару и се радуваа со голот на Алтин Алији. 

Средбата тргна со иницијатива на „лавовите“ кои многу подобро се снајдоа на потопениот терен. Уште од стартот домаќините се наметнаа и почнаа да бараат начини да го загрозат голот на кратовчани. Иако немаа многу зрели шанси, играчите на Македонија Ѓорче Петров во неколку наврати се заканија по гостинскиот гол. Од далечина шутираше искусниот Стојков, а пред полувремето се обиде и Алији. Поради дождот, кој за среќа запре, топката многу се лизгаше и голманот Андов при едно нафрлување на ѓорчепетровци ја испушти топката, ама успеа да се снајде и да го спаси својот гол. 

Ниту во вториот дел не се променија работите. Македонија Ѓорче Петров продолжи со добрата игра и иницијативата, го притискаше ривалот и го стегаше обрачот пред неговиот гол. Водечкиот погодок падна во 66. минута преку 17-годишниот Алтин Алији. Младиот офанзивец на „лавовите“ добро ја следеше акцијата, па по незгодниот удар на Стојков и лошото исфрлање на голманот Андов, ја смести топката во мрежата за 1-0. До крајот на натпреварот Силекс успеа да го крене нивото и да креира по некој опасен напад. Најблиску до израмнувачки гол беше Антонио Каланоски, но му побегна топката и го промаши голот од ситуација еден на еден со голманот. Во финишот и „лавовите“ можеа до втор гол по еден корнер, ама Стојков во два наврати не успеа да го пронајде патот до мрежата.

Македонија Ѓорче Петров со оваа победа го продолжи патот кон одбраната на тронот и четврта година во низа ќе игра полуфинале, со шанса за трет меч за трофејот во низа. Место меѓу четирите најдобри екипи обезбедија уште Тиквеш и Воска Спорт, а натпреварот Работнички - Шкупи е одложен заради натопен терен.