• Сашо Поповски
Воведниот меч на традиционалното коло по Божиќ во Премиер лигата донесе тешка победа на Тотенхем против Брајтон (2-1). Ова е уште еден чекор напред за лондонската екипа во борбата за првите четири места на табелата, кои носат пласман во Лигата на шампионите.
- Извештај од натпреварот:
Првиот дел донесе лош вовед на „Боксинг деј“. Двете екипи играа претпазливо, можеби и повеќе од сите очекувања, па шанси речиси и да немаше. Единствениот погодок, кој изненадувачки беше постигнат во домашната мрежа, пристигна непосредно пред паузата за полувреме.
„Петлите“ направија несовесен прекршок на десната страна, од каде Грос испрати перфектен центаршут кој го дочека Вебстер. Гостинскиот дефанзивец скокна највисоко и со глава го реализира третиот сезонски погодок. Тоа беше шок за Жозе Мурињо, кој беше приморан да тргне поофанзивно во остатокот од мечот.
Различниот пристап донесе промена на семафорот во раната фаза од вториот дел. Хари Кејн среќно стигна до една топка, биеше силно, а од одбиената топка, од вториот обид, ја израдува домашната публика. Тоа за него беше јубилеен десетти погодок сезонава со кој најави дека фудбалерите на Тотенхем ќе атакуваат на целосен пресврт.
Португалскиот менаџер имаше причини да биде задоволен во 72. минута, кога неговиот тим го комплетира пресвртот. Деле Али беше херој на фаворитот, постигнувајќи го најубавиот погодок на натпреварот. Нововлезениот Кристијан Ериксен ја започна акцијата и испрати феноменално додавање до Орие, кој врати до Али, а овој без размислување биеше над главата на гостинскиот голман.
За два дена, Тотенхем ќе гостува кај Норвич Сити, а Брајтон ќе бара бодови на домашен терен, против Борнмут.