• Мартин Танасковски

Шкендија во среда ја продолжува својата куп-мисија со натпревар против Тиквеш, кој ќе се одигра на Градскиот стадион во Тетово. Тимот го насочува целото внимание кон овој предизвик, уверен дека Купот е можност за резултатски исчекор и дополнителна стабилност во турбулентниот натпреварувачки календар.
Фудбалерот од средниот ред, Адаму Алхасан, нагласува дека тимот е максимално концентриран и решен да обезбеди пласман во следната фаза, потсетувајќи дека секој дуел во Купот носи зголемена тежина. Според него, играчите се подготвени да одговорат на притисокот и да ја искористат шансата.
„Навистина сме фокусирани на овој натпревар, затоа што мора да се пласираме во следната рунда од Купот. Сакаме да одиме понатаму и ги земаме натпреварите чекор по чекор. Ова е можност да напредуваме во следната фаза. Сметам дека имаме сè поголем фокус на секој натпревар што го играме. Го видовте последниот меч против Шкупи – направивме сè, се боревме до крај. Верувам дека на овој дуел сме уште повеќе фокусирани да доминираме. Да победиме – тоа е нашата амбиција. Мислам дека оваа репрезентативна пауза е добра за нас. Тоа е поинаков период, можеби е понапорно за играчите, но мора да ја прифатиме ситуацијата. Мора да знаеме како да играме, бидејќи имаме многу натпревари. Доколку не ги играме овие мечеви сега, кога би ги играле? Ова е периодот кога можеме да ги одиграме. Сметам дека не е проблем да се игра, тоа е нормално за фудбалерите. Подготвени сме секој ден, секојпат кога има натпревар – подготвени сме. Така јас чувствувам, така чувствува и екипата.“
Натпреварот меѓу Шкендија и Тиквеш е закажан со почеток од 13:00 часот и ќе го даде последниот учесник во следната фаза од Купот која се игра напролет.





