• Саше Љолес

Голманот на скопски Работнички и повремен репрезентативец на Македонија, Игор Алексовски, со голем оптимизам го најави пролетниот дел од сезоната, во кој дебармаалци стартуваат со 37 бода, исто колку што имаат Силекс и Шкендија.
Чуварот на мрежата е подготвен за првиот натпревар против Шкупи, иако знае дека мисијата нема да биде воопшто лесна и предвидува голема борба за бодовите.
„Подготвени сме за вториот дел од сезоната. Уште на самиот старт имаме тешкко гостување во Чаир, но ние се надеваме дека можеме да оствариме позитивен резултат.
Имаме респект за Шкупи, но нашата цел е да продолжиме по истиот пат од есенската етапа. Ќе одиме натпревар по натпревар, без да создаваме некаква еуфорија, но секогаш со максимална посветеност и желба за победа“, рече Алексовски.
Шкупи ќе го пречека Работнички на својот терен на 16 февруари, а почетокот на мечот е закажан за 14:00 часот.