Александар Трајковски се збогува со Хајдук!

Македонскиот фудбалер Александар Трајковски во новата сезона ќе има нов предизвик затоа што си замина од редовите на хрватски Хајдук.

32-годишниот репрезентативец на Македонија не ја доби вистинската шанса во финишот на сезоната во Сплит кога се кршеше мразот за титулата, која на крајот замина во рацете на Ријека.

„Имав две години кои ми донесоа нови искуства. И покрај сè, чувствувам благодарност. Благодарам на сите: соиграчите, тренерскиот штаб и навивачите. Ви благодарам за сета поддршка што ми ја пруживте. Посакував ова поглавје да го завршевме со шампионска титула. Ви посакувам среќа и да го постигнете тоа во иднина!“, напиша Трајковски.

Трајковски беше дел од Хајдук од 2023 година, а претходно играше за Ал-Фејха од Саудиска Арабија, дански Алборг, шпанска Мајорка, италијански Палермо, белгиските Мехелен и Зулте Варегем, хрватски Интер Запрешиќ и македонска Цементарница 55.

ФОТО: HNK Hajduk Split / Facebook