• Горан Упале

Александар Таневски и официјално се прости од клупата на ФК Скопје, откако преку емотивна порака ја потврди разделбата со клубот кој минатата сезона го предводеше до враќање во Првата македонска фудбалска лига.
Таневски беше еден од најзаслужните за успешната сезона на скопскиот тим, кој одново ќе се натпреварува со најдобрите во мак-фудбалот. Во својата порака, стратегот истакна дека одлуката за заминување не била лесна, бидејќи во клубот оставил дел од себе.
„Не си заминувам од ФК Скопје затоа што не го сакам клубот, играчите, навивачите и луѓето од населбата. Напротивм, токму поради сè што поминавме заедно, оваа одлука ми е тешка. Заедно создадовме тим, атмосфера и успех на кој сите можеме да бидеме горди. Го вративме клубот таму каде што заслужува да биде во Првата лига. Но понекогаш, колку и да сакаш нешто, мора да прифатиш дека некои приказни треба да завршат додека сè уште има достоинство, почит и убави спомени“, напиша Таневски.
На крајот тој им се заблагодари на играчите, стручниот штаб, навивачите и на сите кои биле дел од успешната сезона, нагласувајќи дека ФК Скопје секогаш ќе има посебно место во неговото срце.




