Алегри: Згрешив со Милан, требаше да направам подефанзивни замени

Екипите на Јувентус и Милан го поделија пленот во четвртото коло на Серија А, откако одиграа 1-1 во Торино. „Старата дама“ поведе во третата минута по контра, а потоа одлично ги бранеше налетите на Милан. Сепак, гостите дојдоа до егал, па можеа и целосно да го свртат резултатот. 

Предводникот на Јуве, Макс Алегри зборуваше за натпреварот. Тој смета дека погрешил и требало дополнително да го затвори дуелот со дефанзивни замени. 

„Вака не се освојуваат титули. Кога водиш против Милан, во последните 15 минути мора да се браниш со нож во забите. И покрај добриот прв дел во кој правевме шанси и му дозволивме на Милан само една шанса, на крајот ризикувавме дури и пораз во натпревар кој го имавме под контрола. За жал, загубивме концентрација, решителност и фокус. Мора да напредуваме, не смееме вака да испуштаме добиени натпревари. Ништо не се менува, ова е дел од процесот на растење. 

Морам да признаам, ги промашив измените. Требаше да пуштам подефанзивни играчи и да го „заклучиме“ водството, па преземам одговорност. Сепак, важно беше да извлечеме позитивен резултат и успеавме во тоа“, изјави Алегри.

По четири одиграни натпревари Јувентус е сè уште без победа во Серија А, што е најлош старт во последните 60 години.