• Зоран Мишевски
Јувентус и новата сезона во Европа ја започна како што ја заврши старата - со црвен картон. Но, за разлика од исклучувањето на Буфон во Мадрид, сега црвениот картон на Роналдо во Валенсија, не го поремети одличниот настап и победата од 0-2 на „старата дама“.
„Можам да кажам само дека ВАР системот во овој случај ќе му помогнеше на судијата. Да останете уште во 29. минута со човек помалку на ваков терен беше голем ризик уште вечерва. Се надевам дека нема да го загубиме за многу натпревари“, порача Алегри, коментирајќи го директниот црвен картон на Роналдо.
Италијанскиот стручњак потоа го анализираше натпреварот и триумфот на својата екипа со головите на Пјаниќ.
„Игравме одлично и со 11 и со 10 фудбалери. После двојното водство, многу малку ризикувавме. Исклучувањето на Роналдо го подигна вниманието во одбраната кај сите фудбалери. Комплетно ја анулиравме брзината на Валенсија“, заврши тренерот од Ливорно.
Јуве ќе го пречека Јанг Бојс по две недели во првиот домашен натпревар од европската сезона.